Општина Зелениково се приклучува на кампањата „Општина на дланка“.
Со задоволство ја објавуваме нашата поддршка за кампањата „Општина на дланка“, иницијатива која има за цел да ја зголеми транспарентноста и отчетноста во локалната самоуправа преку подобрена употреба на општинските веб-страници.
Кампањата е подготвена од Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите во соработка со Министерството за локална самоуправа. Нашата општина активно соработува со овој проект со цел:
- Подобрување на управувањето со општинските јавни финансии;
- Поефикасно планирање и извршување на буџетот;
- Зголемување на фискалната транспарентност и отчетност;
- Унапредување на прибирањето приходи од сопствени извори;
- Поголем пристап до надворешни извори на финансирање;
- Создавање услови за вклучување на приватниот сектор.
Целта на кампањата „Општина на дланка“ е да ги информира граѓаните и бизнисите за нивните права и обврски, како и да им обезбеди полесен пристап до општинските услуги.
Во рамките на кампањата, редовно ќе ги ажурираме нашите комуникациски канали со нови информации во надлежност на општината кои ќе ги поттикнат граѓаните да учествуваат во процесите на одлучување и да бидат активно информирани за функционирањето на општината.
Ги покануваме сите граѓани и заинтересирани страни да се приклучат на оваа иницијатива и да ја поддржат кампањата, која ќе ја зголеми транспарентноста и отчетноста во локалната самоуправа.
Посетете ја веб-страницата на општината, пребарајте и добијте ги потребните информации.
Вклучете се во креирање на транспарентна општина.
Дознајте повеќе за:
- Видео https://www.youtube.com/watch?v=HiE3QGeg084
- Банер https://zelenikovo.gov.mk/wp-content/uploads/2024/12/Opshtina-na-dlanka-elektonski-baner-Mk.gif
Одржана втората форумска сесија во Општина Зелениково
На 11 декември, во просториите на ООУ „Марко Цепенков“ се одржа втората форумска сесија од програмата „Форуми во заедницата“, што ја реализира Општина Зелениково во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети-фаза 2“. На оваа сесија учесниците дискутираа за концептите кои беа развиени врз база на дадените предлог решенија од страна на форумот за време на првата сесија.
Граѓаните отворија широка дискусија по дадените предлог концепти: Управување со комуналниот отпад преку набавка на специјализирано возило, контејнери и канти за смет, Реконструкција на улица 31, Реконструкција на локалниот пат Зелениково-Градовци и Уредување на коритото на Зелениковска Река. Форумот одлучи концептите за Реконструкција на улицата 31 и за локалниот пат Зелениково-Градовци да не се развиваат понатаму поради неисполнети услови, согласно критериумите на проектниот фонд. Предлог проекти ќе бидат подготвени за набавка на специјализирано возило за собирање и транспорт на отпад, набавка на канти и контејнери и регулација на Зелениковска Река. Истовремено,на оваа сесија беше дополнета и работната група која ќе работи на предлог проектите и презентирани критериумите за избор на проекти. Форумскиот процес е дел од проектот „Зајакнување на локалните совети-фаза 2“, кој се реализира со финансиска поддршка од Швајцарската Влада и Министерството за локална самоуправа, а го спроведува и кофинансира Програмата на Обединети Нации (УНДП), во соработка со партнерските општини.
Целта е активно учество на граѓаните во одлучувањето и креирањето локални политики, како и поголема транспарентност и одговорност на општинскиот совет и локалната самоуправа.
Одржана првата форумска сесија од проектот „Зајакнување на опшинските совети“
Во ООУ „Марко Цепенков“ во Општина Зелениково, во понеделник (25.11.2024) се одржа првата форумска сесија од проектниот форум, кој се реализира во рамки на проектот„Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“,што го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации – UNDP, со финансиска поддршка на Владата на Швајцарија и Министерството за локална самоуправа, и со кофинансирање на општината.
Околу 60 учесници, за приоритетна тема ја избраа областа „Животна средина“ за која даваа предлог идеи и решенија што се од корист за целата заедница. Како најголеми проблеми беа истакнати застарениот возен парк за собирање и транспорт на смет, недоволниот број контенери и корпи за отпадоци, неуреденото речно корито и општетени улици кои влијаат на загадувањето на животната средина и на квалитетот на живот на населението. Учесниците понудија неколку решенија и одлучија да се развиваат предлог концепти за набавка на специјализирано возило за собирање и транспорт на смет, набавка на комунална опрема, регулација на речното корито и реконструкција на оштетените коловози, со цел унапредување на животната средина во оштината. Воедно учесниците беа запознаени со форумскиот процес и ја утврдија структурата на форумот, одлучувајќи да водат дискусии преку 6 работни маси. Целта на Форумот во заедницата е да се даде придонес кон зајакнување на општинските совети, кои активно ги вклучуваат граѓаните во донесувањето одлуки. Втората форумска сесија е закажана на 11.12.2024 година на која граѓаните ќе дискутираат за предлог концептите и ќе даваат предлози за нивно подобрување и развивање.
Општина Зелениково денес направи огромен исчекор и даде огромен влог во доменот на културата!
Родното место на Св. цар Јустинијан Први, археолошкиот локалитет Градиште, во с.Таор-Tauresium за некој месец од денес ќе биде уредено со соодветна инфраструктура, туристичка сигнализација, партерно уредување и улично осветлување.
Заедно со директорот на ЦРСПР, г-дин Јане Мицевски, со изведувачот на проектот, конзерваторскиот надзор, надзорот од страна на општината и останатите претставници од општината и Центарот за развој на скопски плански регион денес направивме вовед во работа каде се потенцираа главните активности и деталите за кои ќе стане збор за време на работните активности.
Историјата и културата се компасот што треба да ги води новите генерации, како алатка која обезбедува посебен идентитет, а лекциите од минатото се основа за промислена иднина.
Од утре, 21.06.2023 па натаму, секоја среда од 08:00-13:00 часот жителите на Општина Зелениково ќе можат на пријавницата од општината да добијат Дозвола за сеча.
Напомена: потребно е да се достави копија од лична карта!
pdf: Заклучок од Совет
Започна кампањата „ Мојот данок, за мојата општина! “
Општина Зелениково како партнер-општина на Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите се приклучува кон кампањата „Мојот данок, за мојата општина!“ Едукативната кампања „ Мојот данок, за мојата општина!“ има за цел да ја информира јавноста дека плаќањето данок на имот е должност на секој граѓанин-даночен обврзник, но во исто време и придонес на поединецот за градење на подобра иднината на општината.
Доколку поседувате имот во одредена општина, тогаш автоматски сте даночни обврзници со законско право на даночно решение за вашиот имот, но, и законска обврска и лична должност за навремено подмирување на данокот.
Секој граѓанин-даночен обврзник треба да биде информиран дека со навремено подмируваме на данокот на имот, се полни директно општинскиот буџет, преку кој се овозможува реализирање на планираните јавни и инфраструктурни проекти. Со ова, едноставно кажано, секој од нас лично придонесува за подобрување на условите за живеење и развојот на општината.Оваа кампања оттаму, цели и да придонесе кон навремено и прецизно информирање на даночните обврзници за сите права и обврски, како и правата и обврските на општината поврзани со данокот на имот.
За да дознаете повеќе за данокот на имот погледнете го видеото на https://www.facebook.com/SRMANorthMacedonia/videos/818379803237834 и информирајте повеќе од летокот објавен на линкот ( https://zelenikovo.gov.mk/wp-content/uploads/2023/10/USAID-Информативен-леток-Мој-данок-за-моја-општина-МК-2023.pdf )