ОПШТИНА ЗЕЛЕНИКОВО

Информации

За општината

Географија

Општина Зелениково е општина во северниот дел на Република Македонија, сместена во крајниот југоисточен дел на Скопската Котлина во близина на градот Скопје. Поточно општината Зелениково се наоѓа во горното Повардарие, во средото течение на реката Вардар во близина на сливот на Кадина Река и Пчиња. Територијата на општина Зелениково зафаќа површина од 176,95 km2 . Општината Зелениково се граничи со 4 општини и тоа: Велес од југ и југоисток, Чашка од југ, Студеничани од запад и Петровец од север и североисток. Самата општина има изразит рурален карактер и во своите граници опфаќа 14 населени места, од кои сите селски населби. Населението на општина Зелениково брои 4077 жители , што во однос на големината на територијата на општината покажува дека општина Зелениково има густина на населеност од 23,04 жители на km2, што ја вбројува во редот на ретко населени подрачја. Седиштето на општината е во село Зелениково, а градоначалник е Борче Гиевски.

Стопанство

Населението во Општина Зелениково се занимава со примарни и секундарни стопански дејности. Најразвиено е земјоделството односно полјоделството и сточарството. Поради поволноста на теренот и високата плодност на земјиштето во пределот околу реката Вардар е најзастапено полјоделството, пред сè одгледувањето на житни култури (пченица, јачмен, овес, ’рж, пченка), градинарски култури (зелен пипер, домат, морков, кромид, лук, спанаќ, марула) како и индустриските култури (луцерка, фуражна пченка, детелина). Идеалните услови кои ги нудат ридските предели на општина Зелениково, последната деценија повторно го вратија и развија сточарството посебно козарството, по кое оваа општина е далеку позната, пред сè по прочуеното козјо сирење и млеко од неколкуте млекарници од Таор, Пакошево и Зелениково. Покрај козарството, доста развиено е и овчарството. Покрај земјоделството и сточарството развиено е и индустриското производство во прехрамбената индустрија и фабриката за компјутерски микрочипови во село Орешани.

Демографија

Според пописот од 2002 година, Општина Зелениково брои 4077 жители, чиј етнички состав е:[1] Македонци 2522 - 61,86% Албанци 1206 - 29,58% Турци 1 - 0,02% Роми 92 - 2,26% Власи 1 - 0,02% Срби 45 - 1,10% Бошњаци 191 - 4,68% останати 19 Вероисповед Вкупно православни 2.576 муслимани 1.491 католици 2 протестанти 0 останати 8 Јазик Вкупно македонски 2.533 албански 1.205 турски 2 ромски 90 влашки 2 српски 38 бошњачки 10 останати 197

Историја

Општина Зелениково е формирана како посебна општина во денешните граници со Законот за територијална организација на општините од 1996 година, а претходно била во рамките на Општина Кисела Вода и Општина Скопје во периодот на СФРЈ. Со предлог Законот за територијална организација на општините во 2004 беше предвидено Општина Зелениково да се припои кон Општина Петровец, меѓутоа Општината Зелениково остана самостојна општина со поголеми можности за сопствен развој.

Општествени установи

Во општина Зелениково работи деветгодишно основно училиште „Марко Цепенков“ кое се наоѓа во Станица Зелениково. Во рамките на училиштето работат и градинка и библиотека. Во општината работат и јавна и приванти здравствени амбуланти кои се наоѓаат ов Станица Зелениково.

Културни и историски знаменитости

На територијата на Општина Зелениково се наоѓаат повеќе културно-историски споменици и знаменитости. Во близината на селото Таор се наоѓа археолошкото наоѓалиште со остатоците од античкиот град Тауресиум во кој е роден византискиот цар Јустинијан I. Исто така во рамките на општината Зелениково се наоѓаат повеќе постари средновековни цркви и манастири меѓу кои: познатиот манастир „Свети Архангел Гаврил“ во селото Зелениково од XIV век, возобновен во 1845/46 година, манастирот „Свети Ѓорѓија“ и црквата „Воскресение Христово“ во Станица Зелениково, црквите „Свети Димитрија“ од XIV век и „Свети Илија“ од XVII век во селото Таор, а во Ново Село постои црквата „Свети Талеа“ од средновековието возобновена во 1896 година.

2020 Сите права задржани.

Изработено од: Media Plan Group DOO